Showing posts with label Македонска поезија. Show all posts
Showing posts with label Македонска поезија. Show all posts

Apr 22, 2012

Петре М. Андреевски - На гробот на Дениција


 Над мене сив облак и сива орлица
 се договараат за нешто,
 а јас мислам дека кај тебе
 ме потскажуваат, Дениција.
 Оти дошто видов кула и пладневна топола
 беа како твојата става, Дениција.
 Дошто сретнав омарнина и жито во движење
 беа како твојата коса, Дениција.
 Дошто открив сончоглед и светла пушкарница
 беа како твоите очи, Дениција.
 Дошто сретнав залез, дошто пресеков лубеница
 беа како твојата уста, Дениција.
 А сите мери житен уем, сите крушки кантарки
 беа како твоите дојки, Дениција
 Дошто ме размина мило и отпетлано крило
 беа како твоите клепки, Дениција.
 Дошто скинав сламка и маслинова гранка
 беа како твоите прсти, Дениција.
 Дошто отворив прозорец и непрочитана книга
 беа како твоите предници, Дениција.
 А сите напуштени мамузи и узенгии
 беа како твоите обетки, Дениција.
 Дошто чув за разлутени ридови и мориња
 беа како твоите колкови, Дениција.
 Дошто видов глуварици и плужни ралици
 беа како твоите стапала, Дениција.
 А видов што видов и ништо не видов
 оти везден се искачувам по душата од мртвите,
 везден слегувам по дождот и маглите
 и секаде задоцнувам да те стигнам тебе.
 Потоа ѕемнам кај што мислам дека ќе поминеш
 и сите градски порти ги оставам отворени
 во секое време за да можеш да се вратиш.
 Ти ме приѕираш и од небото и од земјата,
 а мене никако не ми успева да ти кажам
 дека и мојата смрт започна по твојата
 и дека блажено е да се живее, а поблажено да се умира,
 мислејќи само на тебе, Дениција.



Петре М. Андреевски - „Откако те нема“ и „На гробот на Дениција“
Музика и читање: Златко Ориѓански

Apr 20, 2012

Петре М. Андреевски - Откако те нема

Најубава несреќо што ми влегла в куќи,
жено опљачкана од моето телесно
наследство,
кажи што ќе работиш и што ќе мислиш 
за мене
кој продолжува да дише со твојата воздишка
откако те нема...

Невенчана невесто што сакаше да имаме 
иста лажица,
како што сакаше мојата болка да биде 
интересна,
о богатство во мојот слух, моја ноќна 
татковино,
поздравуј ме по пролетта што ќе те сретне
под земјата
иако те нема....

Невидлива забаво во затворите за 
доживотна робија,
созвездие на сите движења под водата
и небесата,
железницо што ги поврзуваше годишните
времиња,
моја лично слободо што ме научи да страдам 
а да не лелекам
дека те нема....

Царинарнице што ми ги откри скриените
места од душата,
Горчливо изобилство во мите тажни
пијанства,
чаша водо што ги зближуваш народите
те среќавам по сите градови, но нигде 
не те гледам
оти те нема....

Пароло извикана на сите државни празници,
најубава спроводнице на ветровите 
од мојата глава,
основна мерко за земјата и сите течности,
единствена самогласко за сите изговорени 
зборови,
кај што те нема...

Конецу отпаран од ветрот фатен во
кражба на каранфилот
неизвлекувана рамнотежо во моето одродено 
тело
ти си одиш а јас останувам без никој никаде
оти ти си мртва, а смртта во мене
ти продолжува
откако те нема...



Петре М. Андреевски - „Откако те нема“ и „На гробот на Дениција“
Музика и читање: Златко Ориѓански

Apr 19, 2012

Радован Павловски - Зрно



Во мене живее житието на народот
А со мене
И судбини по светот се пребројуваат
Да не ми остане семето во темнина
Земјата да не ми огрубее, овенее
И низ камен отварам пат
Породот кон сонце го водам
Во невреме јас знам химна да запеам
Потоа кон ѕвездите да се оддалечам
и да бидам вечна светлина
Над шари од жита и народи.

Apr 18, 2012

Радован Павловски - Цртач

Севезден сум во ѕвездата на раѓањето.
На линија сум со сите линии.
Само цртачот на своја црта
на своја точка стои.
Пајакот во својата мрежа
е отсутен ловец крвник.
На линија сум со звучните црти на ноктите
на цртачот во цртежот
во звучниот вриеж на сувоземна линија
сум со крокодилот
орелот и јагнето и хиената
во пустината на цртежот.
Колку ли само расипани часовници
ги покрива песокта на сончевиот часовник!
Во една своја точка птицата
на своја гранка на своја црта стои
а јас брзам – точката да ја стигнам
на своја црта на друго место да стои.

Nov 21, 2011

Гане Тодоровски - Нашинска


Да ние е да сме доста
колку да се разбистри небото
над Бистрине, Корабине –

Да ни е да сме доволно
колку за да се довардиме
покрај Вардарине и Струмине –

Да ни е да сме мерата
колку да се прелееме
од колено во колено до кај истрајвекот –

Малцичка сме ли ете па што
малцичка божем а веќе со векови
по стопати по севезден нè пребројуваат

Но ние сме како што сте како што се
И покрај сè и покрај сè
колку сме толку сме токму сме!

Nov 12, 2011

Радован Павловски - Златна маска















 

   Зад чекорот е земјата зад окото е небото
   Залудно се лажеме кога мислиме
   Дека бараме земја бараме небо – нив ги нема
   Во пукнатината на предметите излетал плодот
   А ние ја бараме
   златната маска во зборовите
   Зборовите меѓу себе се кријат
   како деца и родители во криенка
   Та не може да се дознае
   Кога децата биле деца
   Родителите - родители
   Што народ и што стока се котела
   Со каква маска од сонот се буделе
   Со каква маска на денот лежат в земја
   Зошто златната маска ја заорале в земја
   Прв да ја види владетелот на сохранение
   Маската без маска е вистинската маска
   Меѓу нас живите

   На тронот ли била качена маската
   На коњ ли јавала
   Кој сè се криел зад неа
   што ни ковче не останало од моштите
   ни струјка воздух во пепелта
   Утробата е таа жедна мајка на просторот
   во празнината што го чува
   своето златно руно
   а не лајмата.

   Накај Требениште и накај Самуиловите кули
   што стрчат во времето
   ми се оди
   по голтка вода од езерото.

Mar 14, 2011

Радован Павловски - Мојата ѕвезда е мое живеалиште

Мигот штом дојде завет да оставам
кому и зошто во свое време
со перото химни пеам
како птицата со клунот што пребарува
в земја зрно така и јас
во летот штом се оддалечам
со сонцето низ сè што сум поминал
тоа што било мое од минатото
пак да биде мое
во иднината живо
Тоа што се родило
од моето срце
и од мојата земја
да не се одроди од родот
така нека си остане
зачувано во целина
во мигот какво што било затечено
на земјата да се одржи
па и тоа од небо
в земја корен да пушти
моето соѕвездие е мојот народ
Мојата ѕвезда е моето живеалиште.

Dec 31, 2010

Матеја Матевски - Ѕвона

Некаде ѕвони. Некаде далеку ѕвони.
Звуците се бранови на ветерот
низ тревите подгонети.


Некаде ѕвони. Продолжително остро и нежно.
Глуво е сè. Сал ритамот
плиска по брегот на железото.


Некаде ѕвони. Шибни ме високо и бездно.
Бегајте низ кавезот звучен
глуво и безнадежно.


Некаде ѕвони. Малечок ѕвонам и врискам.
Сè е затворено. Опчинет
за звуците сум виснал.


Некаде ѕвони. Удри ме. Колку сум храбар а питом.
Време, удри и ти по споменот
грубо и незаситно.


Некаде ѕвони. Премногу дамна и сега.
Сè боли, небо. По тревата
на звуците познати легни ме.

Dec 19, 2010

Кочо Рацин - До еден работник











Да бидеш човек, да имаш топла крв,
да мислиш со глава и да работиш со рака
и па да бидеш нешто мртво.
През цел свој живот и ден и ноќ
да се трудиш и мачиш
и па да бидеш гладен и страден.

Работник - патник:
да немаш ништо, да страдаш за сичко,
ти и твоите браќа да праите се!
Палати да праиш,
да живееш у изба -
од лулка до гроб
да бидеш роб.
Од вашата мака
да живеат друзи!

О, братко! Плукни на таков живот!
Со браќата твои, со маката ваша
сронете го овој свет
и нов направете -
братски!

Nov 21, 2010

Радован Павловски - Фатаморгана



Дожд врне а дожд нема
сонце грее а сонце нема
влегуваш во градот
градот го нема
пловиш по море
(и риба сонува море)
а море нема


зборувај дожд
зборувај земја
зборувај човек
зборувај време


Фатаморгана
тропа на врата
зад увото изгреало сонце
гледаш а не слушаш
слушаш а не гледаш
зад увото изгреало сонце
ниту слушам ниту гледам


кукурикаат петли
секој петел во својата ноќ
зборувај дожд зборувај човек
зборувај семе врне дожд
одразглоби бол од зглоб


Фатаморгана тропа на небото
врне дожд
врати се во себе
од градот во градот
од песната во песната
врати се во себе
во спокојно лудило на убавината.

Nov 13, 2010

Анте Поповски - Мојот народ пред распаќа

Прво pacпaќe:

По овој пат,
мнук мнука ќе води
- векови.

Рамнинава
од плеќи планина ќе ја престориш
од планина Непреод да протече.

Симни се долу
Дно да му станеш
Крв да ти стане
- Не чекај !

Второ распаќе:

Овој пат води
Од твоето небидие
До тебе.

Врз сите неба небо
Од твојата маштина направи
На него Непокор да израсне.

По стеблото симни се
и жилав заврзи
корен да му бидеш
Врв да ти биде
- Не чекај!


Трето pacпaќe:

По овој пат
од сите провалии побезнадежен
Дожд ќе се престориш.

Далеку
Врз својата пепел
заврни

И мост од себе направи
од брегов тебе маченик
до брегон тебе недостижен

Помини!

Четврто распаќе:

Ти,
над сите дабови вечен,
над сите мориња безбрежие,
над сите распаќа распаќе

По твоето корито
Мојата судбина тече
Носи ме!

На твојот корен
мојата жила врза
расни ме!
Врз твојата пепел
и мојава нека тежи
- прими ме!

Над сите зла
Најцрно ми е
Без тебе!

Oct 16, 2010

Матеја Матевски - Авантуpа

I

Ме одведе далеку тој сончев миг во поле
крај реката
в непознато што згина
Згинав и јас во еден ден
одвлечен од нејзината делта.

И што најдов
Појдов и од неа подалеку
но ни за миг од својата темна сенка
од ластарот непокора
насликан во полето крај таа мала река.

Патував далеку низ ноќта што се распаѓа
од соништа и распаќа
И базје и води и песни со грстови
претурив низ мојте жедни очи
и толку убава милина низ својте страдни усни
и што сторив

Па толку среќен бев од тоа патување
патување далечно
во ноќта што ме мами.

Но штом застанав еднаш да помислам
кај сум
Незаситен и сам на ова парче туѓа земја останав
окружен од виулицата од спомени
гранките што ми ги скрши.


II

Тогаш плачи и плати ја таа голема желба
во светот што те однесе
Исплачи се но не ќе можеш да ја истажиш
таа земја што ти тече низ сонот
Врати се некој ми шепна
далеку надвор а внатре во мене
но толку сум уморен и стар
што немам веќе нозе за чекори
и раце за преграби

Имам исплакани очи
и усни ветровите во летот што ги ловат
што е твое во тие ветришта
земи си

Но далеку е воздухот на таа стара земја
и има толку небо над тополитс
од едно глупаво детство тука што ме доведе
сам меѓу луѓето
гладен во една голема земја
По морето од копнежи не пловат за мене кораби
и ниедна месечина не ми го покажуваш патот.

Ќе умрам сосема тихо
далеку
со еден огромен крик длабоко закопан во мене
и со едно сеќавање што ќе ме изрони во ништо
од мака и бол и невиделина.


III

Само ноќе се враќам во тебе
ој поле од река и од мала корија
од деца и јагниња
твојот кроток кавал колку ли го длаби
мојот поглед од соништа
а немам раце во раце да го земам.

Суво сум дрво без плодови и сокови
и свирки
пресушено корито што ги прима
сувите и троми карпи
времето што ги рони
Во тој малечок крај од козји патеки
и изненадни извори
се враќам само ноќе.

Малечка земјо
по твоето диво зеленило
плаче една суводолица
жедна за вода во рана што ќе ја претвори
и само за еден ден што повеќе не доаѓа.

Старо и мртво дрво откорнато од незасита
заситено со фиданките далечни
наоколу што го паметат.

Oct 15, 2010

Матеја Матевски - Балада за времето

Слушам како умира времето

Покрај лисјето што паѓа
и мразот што се фаќа за рацете
до каде сум стигнал

Тоа умира во сè што се раѓа 
па вечно сум со него помал 
макар за еден чекор

Есента е богата со соништа 
иако понекогаш тажна 
со водата што опаѓа 
не се плови

Ноемвриските богати магли 
со што ли ги дојат реките 
По нивните плитки води 
до каде ќе стигнам

Слушам како умира времето

Од есента во студот 
останува еден плод 
што праша со усните модри 
кај ќе стигнам

Aug 26, 2010

Радован Павловски - Лоза

И Израилка реч има во Лозата
и песната, лут сапун против 'рѓа
и белило од молња. Голем грнец до небо
меѓу облаци зовира, цути матерка.
Влашките низини ги газевме и уфрлувавме
по збор мудер во книгата на светот
а она што му е запишано на човека
во ѕвездата тоа и му се случува
на земјата. Искачи се по Лоза
во зелена зора убава Рада, поубава од магија
магијата на денот ја одврзува. Од Ивана во борба
остана сабја и збор на стража.
По илјада години слободно тело
сега во песна сите заедно
и на свадба и на закопнина
бере билки на спомени Данаилка
и кога името на сонцето попусто
се изговараше во времето,
откочивме закочена пушка, го поправивме
саатот на времињата и Лозата
заластари на бојно поле
по мориња и бродови и израсте
нашата лоза
до крајот на светот
и во бескрај го отклучи светот.

Aug 20, 2010

Петре М. Андреевски - Првите податоци за Дениција

Дениција доаѓаше од секаде
како дух што го пропуштаат и мртвите стражари
на сите момчиња да им ce јавува во сонот.
Таа беше како оној Врач кој, гледајќи во цвеќињата,
држеше говор за потеклото на медот.
Таа го имаше вкусот на храната
што гласно ја џвакаа моите предци.
Кога бев со неа јас дишев во сите светови
оти во неа ce среќаваа сите страни на светот.
Дениција значеше и најголема денгуба
и најголема тајна за државната безбедност.
Дениција значеше и детски додаток
и распределба на доходот по ефект.
Нејзините зборови ги повторував
како реткост во друга реткост пронајдена.
Таа беше растојание од една болка до друга
и жесток пијалак што ce разнесува по куќите.
Таа знаеше една буква со која почнуваа сите зборови
и можеше да викне и да ги смени годишните времиња. 
Заради неа пријателите
по цел ден не сакаа да ме видат.
Размислувајќи за неа
можеше да ce загине и во најкусиот ден
и во најтоплото попладне.
Таа беше оган со оган што ce гасне.
Нејзината воздишка ги соединуваше
и најоддалечените населби,
оти од кај неа започнуваа сите самраци
што правеа излет со лилјакот, a завршуваа во трат.
Таа знаеше и во кој овошен плод
завршиле дождовите.
Дениција беше датум на доброволни дарители на нешто.
И заради неа јас почнав одново да верувам во бога. 
Преку дневните весници сакав да ce откажам 
од сите роднини
што не веруваа дека нејзиниот бакнеж 
може да лекува и разболува.
Од неа јас дознав и што мисли змијата за небото 
и кога има воздухот мака. 
Оти како што дишеше таа, 
така растеше и дневната температура.

Aug 13, 2010

Анте Поповски - Обично попладне



Со што посвето поетот на Македонија
може да го затвори кругот на својот век
освен во своите дланки да ѝ принесе
вода на ранетата птица во дворот
и освен пеејќи им да ги израстува
своите внуци и низ нивната насмевка
да го согледа корењето на новиот век
во кој да згусти татковината ни?


Печат од три ѕвезди во една
втиснувам во моите соништа
и си заминувам. Граби,
се тресе од тропотот
на мојот втроен коњ
небесата.

Васко Караџа - Сонет за скрбта


Лисја што лудиот ги завеал ветер,
Онемен камен во понор на болка,
Облак што лета во туѓиот етер,
Солзи што лее и вечно што талка - 

Тоа е човекот бегалец тажен
Секогаш в срце тој скрбта ја носи,
Знак на олелија - светот наш лажен,
Непребол вечен, ах срце му коси.

Патопис, ах ако можеше некој
За оваа да напише тажна историја -
Фар тој ќе запали в светот за секој.

Секој за драмата сè нека знае,
Жестока тоа е дискриминација
За искорнатите - неправда зјае.
 

Aug 10, 2010

Васко Караџа - Ветрови

О, ветрови уривачки
Што ги растуривте
Виденијата на надежите
О ветрови истребувачки
Што нù ги исушивте
Бакнежите на пролетта,
Што нè искорнавте
Што нè истребивте
Откако го разгоривте
Пламенот на некој знак,
За да се потврди пак
Мислата на мудроста стара:
„Само малата тага зборува -
Големата е безмолвна“

О, таго наша бескрајна
Што срцата ранети ги кинеш
А солзите пресушуваат
Заедно со ’ртулците
Во циметовата светлина
Таму каде што останаа
Понекои завеани траги
Од една вечна љубов
За сè што е возвишено
Ах, љубов нерасцутена,
Љубов изневерена... 

Петре М. Андреевски - Летување

Таа ce појавуваше од секаде
и ги соединуваше
бродовите со морето, морето со копното.
На летните спијачи им пушташе бубачка во сонот
и тие од тој ден почнуваа да живеат
со телата дома, a co главите покрај морето.
Ако кажеше нешто требаше сите напамет
да ги учат нејзините зборови,
оти во нејзиниот глас можеше да ce смести
сета моја татковина.
Ако појдеше на пазар
требаше да поскапи зеленчукот,
ако замижеше можеше да ce стемни и на пладне,
ако ce преместеше подалеку
требаше и плажата да ce премести,
ако ce вратеше дома требаше да заврши летото.
Нејзината воздишка беше граница
меѓу раздуваниот жар во јужните овошки
и успаната вода во зимските метали.
Таа беше причина за сите срцеви заболувања,
оти cè беше во движење кај што ce движеше таа.
Поетите пишуваа дека нејзината убавина постои
во сиот народен фолклор
во секој пламен, на секое знаме.
Таа ce појавуваше од секаде
и мојата брсјачка нежност ја споредуваше
со прошетките на војникот
посред друмот од куршумот.

Aug 8, 2010

Васко Караџа - Во брановите на носталгијата

О, бранови бурни, нескротливи
Бранови на нашата носталгија
Неутешна и незгаслива,
За родните ни огништа
Што ги ограбија безмилосно
На носталгијата за изгубените татковини
За нашите со цвеќа засеани ридишта
За планините, за шумите и имотите,
За бистрите извори и полјаните
За нашите светилишта
За нашите свети обичаи
За нашите празници, за ората
О, бранови вечни нескротливи
До кога ли безжалосно ќе нè бие
Вашата горчлива пена изморени и истоштени
Во нашите потонати надежи..
Сожалете нè на крајот од краиштата
И однесете нè во родните места
Да си поплачиме барем за малку
Во една тишина скаменета
Врз раните на неостварените соништа