Jun 24, 2010

Кочо Рацин - Бели мугри

Бели мугри е збирка поезија од Кочо Рацин, објавена во 1939 година во Самобор близу Загреб. Таа е трета стихозбирка објавена на македонски јазик по стихозбирките на Венко Марковски, „Народни бигори“ и „Огинот“, објавени во 1938 година.
Стихозбирката е испечатена на 25 ноември во печатницата на Драгутин Шпулер во 4.000 примероци. Според вообичаената комунистичка практика, насловот е испечатен со црвени букви, а поради опасноста да се дознае идентитетот на авторот, Коста Солев ја објавува под псевдонимот „К. Рацин“.



Црвен наслов на корицата, а над него името К.Рацин. Импресивен симболичен наслов што означува премин од темнината, од тешкото ропство што го носеше неговиот народ кон светлината на денот што се раѓа, чекорење кон новиот ден на деновите.

Извонредно крупен настан во културната и политичката историја на македонскиот народ и пошироко. Тоа е врвен дострел на неговото творештво. Дело неделиво од неговиот живот и неговото класно и национално определување. Дело со кое ги потврдува можностите за изразување и на најсуптилните чувства на јазикот кој е забрануван и одрекуван. Творечки се потпира врз достоинствата што ги носи македонското народно епско и лирско творештво збогатени со сопствен творечки однос. Се создава поезија изворна и своевидна, автентична и длабоко доживеана со јазик на убавината. Со полна поетска сугестивност и емотивност ги изразува црнилата на животот на македонскиот човек и вечните стремежи на човекот за подобар, поправичен свет, песни што ќе ги отворат прозорците за племенит културен натпревар со другите народи во светот. Со „Бели мугри“ се отвори пат на современата македонска литература и така Кочо Рацин стана основоположник на современата македонска литература.

Полицискиот режим ја оценува големината и значењето на оваа книга во будењето на националната и класната револуционерна свест, на самосвеста на македонскиот народ и отпочнува со голема потера по авторот и книгата „Бели мугри“. Се испраќаат потерници од Министерството за внатрешни работи и банските управи до сремските начелства и испостави за запленување на „Бели мугри“ и за апсење на Рацина.

„Бели мугри“ од Самобор по разни патишта се пренесува низ Југославија и како буревесник ја огласува свеста на македонскиот човек за неговите права на слободен живот.


Со неговото перо се искажува богата творечка природа, што извира од корените на животот, на угнетениот и поробениот народ, за да мине во пркос и отпор, за чекорење кон сончевата слобода. Со својата поезија на македонски јазик, тој ги создаваше вредностите на македонската национална култура и го објавуваше нејзиното право на слободен развиток токму во времето кога беше одрекувана и забранувана.
Рацин го завршува животот на трагичен начин. Вечерта на 13 јуни, додека се враќал во партизанската печатница на планината Лопушник, Кичевско, смртоносно бил застрелан од стражарот којшто го чувал пристапот кон печатницата.

„И ако не умрам дома
туку кај што стии пиштат
в борба искри кај што л’штат -
блазе речи на душата
има зошто душа да е!“

„Ако куќа не направив
со високи шимшир порти
куќа цел свет братски ми е,
братски срце што отвора,
срце - порта највисока,
срце - куќа најширока“.
(„Татунчо“)

Во овие стихови Рацин го предвести сопствениот животен крај. Во нив е вткаена и револуционерната пролетерска порака за високите човечки идеали.


Стихозбирката опфаќа 12 песни:

Денови
Печал
Селска мака
Тутуноберачите
Ленка
Проштавање
Балада за непознатиот
Елегии за тебе
Утрото над нас
Татутнчо
На Струга дуќан да имам...
Копачите


sources 
1  2

No comments:

Post a Comment