Apr 22, 2012

Петре М. Андреевски - На гробот на Дениција


 Над мене сив облак и сива орлица
 се договараат за нешто,
 а јас мислам дека кај тебе
 ме потскажуваат, Дениција.
 Оти дошто видов кула и пладневна топола
 беа како твојата става, Дениција.
 Дошто сретнав омарнина и жито во движење
 беа како твојата коса, Дениција.
 Дошто открив сончоглед и светла пушкарница
 беа како твоите очи, Дениција.
 Дошто сретнав залез, дошто пресеков лубеница
 беа како твојата уста, Дениција.
 А сите мери житен уем, сите крушки кантарки
 беа како твоите дојки, Дениција
 Дошто ме размина мило и отпетлано крило
 беа како твоите клепки, Дениција.
 Дошто скинав сламка и маслинова гранка
 беа како твоите прсти, Дениција.
 Дошто отворив прозорец и непрочитана книга
 беа како твоите предници, Дениција.
 А сите напуштени мамузи и узенгии
 беа како твоите обетки, Дениција.
 Дошто чув за разлутени ридови и мориња
 беа како твоите колкови, Дениција.
 Дошто видов глуварици и плужни ралици
 беа како твоите стапала, Дениција.
 А видов што видов и ништо не видов
 оти везден се искачувам по душата од мртвите,
 везден слегувам по дождот и маглите
 и секаде задоцнувам да те стигнам тебе.
 Потоа ѕемнам кај што мислам дека ќе поминеш
 и сите градски порти ги оставам отворени
 во секое време за да можеш да се вратиш.
 Ти ме приѕираш и од небото и од земјата,
 а мене никако не ми успева да ти кажам
 дека и мојата смрт започна по твојата
 и дека блажено е да се живее, а поблажено да се умира,
 мислејќи само на тебе, Дениција.



Петре М. Андреевски - „Откако те нема“ и „На гробот на Дениција“
Музика и читање: Златко Ориѓански

No comments:

Post a Comment