Oct 16, 2010

Матеја Матевски - Авантуpа

I

Ме одведе далеку тој сончев миг во поле
крај реката
в непознато што згина
Згинав и јас во еден ден
одвлечен од нејзината делта.

И што најдов
Појдов и од неа подалеку
но ни за миг од својата темна сенка
од ластарот непокора
насликан во полето крај таа мала река.

Патував далеку низ ноќта што се распаѓа
од соништа и распаќа
И базје и води и песни со грстови
претурив низ мојте жедни очи
и толку убава милина низ својте страдни усни
и што сторив

Па толку среќен бев од тоа патување
патување далечно
во ноќта што ме мами.

Но штом застанав еднаш да помислам
кај сум
Незаситен и сам на ова парче туѓа земја останав
окружен од виулицата од спомени
гранките што ми ги скрши.


II

Тогаш плачи и плати ја таа голема желба
во светот што те однесе
Исплачи се но не ќе можеш да ја истажиш
таа земја што ти тече низ сонот
Врати се некој ми шепна
далеку надвор а внатре во мене
но толку сум уморен и стар
што немам веќе нозе за чекори
и раце за преграби

Имам исплакани очи
и усни ветровите во летот што ги ловат
што е твое во тие ветришта
земи си

Но далеку е воздухот на таа стара земја
и има толку небо над тополитс
од едно глупаво детство тука што ме доведе
сам меѓу луѓето
гладен во една голема земја
По морето од копнежи не пловат за мене кораби
и ниедна месечина не ми го покажуваш патот.

Ќе умрам сосема тихо
далеку
со еден огромен крик длабоко закопан во мене
и со едно сеќавање што ќе ме изрони во ништо
од мака и бол и невиделина.


III

Само ноќе се враќам во тебе
ој поле од река и од мала корија
од деца и јагниња
твојот кроток кавал колку ли го длаби
мојот поглед од соништа
а немам раце во раце да го земам.

Суво сум дрво без плодови и сокови
и свирки
пресушено корито што ги прима
сувите и троми карпи
времето што ги рони
Во тој малечок крај од козји патеки
и изненадни извори
се враќам само ноќе.

Малечка земјо
по твоето диво зеленило
плаче една суводолица
жедна за вода во рана што ќе ја претвори
и само за еден ден што повеќе не доаѓа.

Старо и мртво дрво откорнато од незасита
заситено со фиданките далечни
наоколу што го паметат.

No comments:

Post a Comment