Роден е во Велес во 1883 година. Образованието го започнал во родниот град. По завршување на прогимназијата штколувањето го продолжил во Педагошкото училиште во Скопје. Учителствувањето го започнал во кумановските села каде отпочнал да ги шири првите револуционерни идеи. Уште пред Првата светка војна Панко Брашнаров учествува во работата на Социјалистичката организација во Велес, соработува во органот на Васил Главинов „ класно сознание “. Во 1919 е член во Социјалистичката работничка партија ( комунисти). Во време на историските збиднувања од Илинден, Уриетот 1908 г. и Балканските војни, низ мачните искушенија во еден од најтешките периоди од историјата на македонскиот народ, тој стапува во одбрана на интересите на народот. Трагичните последици од поделбата на Македонија не го разочаруваат : во 1920 г. тој е раководен партиски кадар, делегат е од велешката партиска организација на Вуковарскиот конгрес; во 1922 г. е учесник на Првата земска конференција на КПЈ во Виена; во 1924 г. е делегат на Третата земска конференција на КПЈ во Белград; во 1926 г. учествува на Третиот конгрес на КПЈ во Виена; член е на Централниот комитет на ВМРО (Об.).
Илинденецот, комунистот, членот на ЦК на ВМРО (Об.),партизанот Панко Брашнаров е избран за народен пратеник на Првото заседание на АСНОМ, за негов прв претседавач, за потпретседател на АСНОМ и претставникна АСНОМ за член на АВНОЈ.
По неколкуте години живот и работа во Штотуку организираната држава, Панко Брашнар е затворен како приврзаник на ставовите во Резолуцијата на Информ бирото, казнет е како непријател на власта и испратен во злогласниот логор на Голи Оток каде на 13јули 1951 година умира.
На проколнатиот Голи Оток згасна животот на човекот што го отвори АСНОМ
Брашнаров го осуди македонската држава за која се бореше сиот живот
Политичкото самоуништување на Брашнаров настапило во часот на неговото изјаснување за Резолуцијата на Информбирото во 1948 година
Иако не беше коминтерновски комунист, тој стана парадигматична жртва на своите "интернационалистички" и "сепаратистички" уверувања...
На луѓето кои го слушале говорот на Панко Брашнаров, на отворањето на Првото заседание на АСНОМ во ?Прохор Пчињски", и денес, по 60 години, им одѕвонува неговиот трогателен глас. Се уште не ги заборавиле вдахновените зборови кажани на најстариот советник на денот кога е создадена македонската држава: ?Во овој момент, во ова историско место ?Св. Отец Прохор Пчињски" и на овој историски ден - ИЛИНДЕН - , кога објавувам да е отворено Првото Антифашистичко собрание на народно ослободување на Македонија, душата ми е преполна со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава", ќе им се обрати на присутните со треперлив глас велешкиот учител.
Но Панко Брашнар нема многу да и се радува на таа слобода за која цел живот се бореше, зашто таа иста македонска држава по четири години ќе го испрати на озлогласениот Голи Оток каде што летото, на утрешен ден, во 1951 година ќе заврши неговиот живот.
"Катарзата е АСНОМ 1944 година. Драмата почна во фаталната 1948 година. Епилогот е Голи Оток и смболот на бројките: 13 часот, 13 јули, кои како да ја носат во себе пораката: ?Од мене нема да умре сў", ќе рече д-р Вера Весковиќ - Вангели на промоцијата на книгата за Панко Брашнар од неговиот сограѓанин и познајник Перо Коробар. Д-р Вангели смета дека вистината за животот на скромниот учител и сензибилен револуционер останала замаглена до денешни дни. ?Останаа неразврзани неговите дамарни јазли, плими и осеки, љубовта и сомнежот, неразрешените конфликти со Комунистичката партија на која и веруваше и и припаѓаше со целото свое битие. Во времето што е зад него партискиот ?критичен филтер" не им дозволи на фактите да ја обезбедат светлината на денот", ќе забележи таа. Според неа, таквото однесување кон Брашнаров било под присок на еднаш изречената квалификација во декемвриските денови од 1950 година - предавник на партијата/татковината, што отоврило можност за натамошна дисквалификација и молк околу него. ?И така се создаде мистерија, но и митологија околу Панко Брашнаров. Тие ја потврдуваа или отфрлаа до целосно игнорирање на неговата упорност на страстен борец за решавање на македонското национално прашање и неможеа да го најдат спојот со неговата идеолошка определеност кон комунистичкото движење.", ќе рече Вангели.
Политичкото самоуништување на Брашнаров, всушност настапило во часот на неговото изјаснување за Резолуцијата на Информбирото во 1948 година, во екот на антиибеовската и антисоветска кампања во ФНРЈ и обратно. ?Последната фаза од животот на Брашнаров ја носи сигнатурата -информбировец. Во момемнтот на експлозијата на Информбирото, од владејачката КПМ/КПЈ Брашнаров е жигосан како идеолошки еретик. Иако не беше коминтерновски комунист, тој стана парадигматична жртва на своите ?интернационалистички" и ?сепаратистички" уверувања... Така се случи големиот борец за националнни права на македонскиот народ и еден од втемелувачите на македонската државност, во студените декемвриски денови на 1950 година, официјално да биде прогласен за ?државен непријател". Неговата харизматична личност и авторитет не беа во хармонија со партиската доктрина и авторитет и беа под ударот на латентната недоверба на младата држава кон старите револуционери, особено кон учесниците во ВМРО(Обединета). Тој уште од 1948 година се изјасни за резолуцијата на ИБ, за да стане жител на Голи Оток", констатира д-р Вангели.
Академик Иван Катарџиев вели дека Брашнаров е стамена личност, со личен интегритет, свои принципи како по прашањето за ослободителната борба на македонскиот народ, така и кон комунизмот како интернационално движење. ?Панко Брашнаров е комунист, идеалист, но и македонски патриот. Неговиот опис на образот на Македонија во говорот при отворањето на Првото заседание на АСНОМ во манастирот ?Прохот Пчињски" 1944 година е антологиски. Токму неговиот македонски патриотизам е причина за да дојде до судир со ЦК КПЈ, со БКФ и лично со Георги Димитров". истакна на промоцијата академик Катаџиев, подвлекувајќи притоа дека периодот помеѓу 1920 и 1930 година е звезден период во неговиот живот, посветен на македонското национално ослободително движење, а неговото вклучување во НОВ и учеството во заседанието на АСНОМ е логичен епилог на Револуцијата да си ги прибере во своите редови ветераните што им останаа верни на народните идеали.
"Таа верност се покажа и како зла коб за судбината на стариот револуционер. Тој 1948 година се изјасни за Резолуциојата на Информбирото, верувајќи дека на таков начин верно им служи на интернационалните идеали на работничката класа и на пролетерската револуција кои одмана беа претворени во служба на империјалистичките цели на Сталиновата држава" ќе заклучи Катарџиев, додавајќи дека Панковото изјаснување било лично, идејно. Дека тоа никого не го загрозувало и со него ничии интереси не биле засегнати, што подоцна било констатирано од истрагата на Јавното обвинителство на Македонија кое заклучило дека личните убедувања не можат да бидат основа за кривично гонење. ?Тој целиот живот работеше како комунист и македонски револуционер. Каков парадокс. Умре токму поради своето учество во национално-ослободително двиеже за својата македонска држава, на чие создавање и го посветил целиот живот, без остаток", ќе заклучи академик Катарџиев.
Перо Коробар, кој лично го познавал големиот велешанец и за чија револуционерна врвица и животна драма неодамна подготви книга, го објавува и исказот што пред истражните органи го дал Брашнаров во врска Информбирото, во кој отворено ја напаѓа бирократијата и на тогашниот Советски сојуз и на бивша Југославија. Во дилемата за кого да се определи - за Тито или пак за Сталин, се решава за вториот, од едноставна причина што смета дека Југославија се приближува кон Американците и кон империјализмот, а тој како убеден интернационалист смета дека за пролетаријатот и за сиромашните луѓе подобро е да ги прифати ставовите на ИБ. По апсењето на 13 декември 1950 година, јавниот обвинител донел одлука дека постои основано сомневање дека Панко ?извршил кривично дело против народот и државата, за ден потоа да се донесе решение во кое се вели дека кривичното дело што го направил е помалку опасно и затоа треба да биде испратен на општествено корисна работа. Подоцна против Брашнаров запрена е кривичната постапка, Меѓутоа, Комисијата за прекршоци на Народниот одбор на Скопје на 29 јуни 1951 година, четириесет и осум дена по ослободување од кривична одговорност, го обвинува за измислување и ширење на лажни вести со кои го нарушувал спокојството на граѓаните. Власта, сакајќи да го ?превоспита", го упатува на општествена полезна работа на Голи Оток во траење од 24 месеци.
Така човекот кој беше другар и сооученик на велешките гемиџии, сведокот на двата Илиндена бил качен на воз и заедно со други Македонци обвинети дека се за Сталин, а не за Тито, е испратен на Голи Оток. Брашнаров за време на патувањето се разболува и по пристигнувањето на определеното место директно е однесен во болница каде по два дена умира. Тој е погребан на проколнатиот остров, а Коробар за последниот чин од животот на својот сограѓанин ќе напише: ?Го спуштија во каменетата земја мртвото тело на човекот со осведочена човечност и убавина. Се погребуваше човек без натпис, човек што беше неразделен дел од историјата, од историјата на Македонија, човек кој до крај веруваше во победата на социјализмот, во идното праведно општество во кое човекот ќе биде најголема вредност."
Велес, родниот град на Панко Брашнаров, сака да си ги прибере посмртните останки на својот голем сограѓанин, меѓутоа точно не се знае каде се наоѓа неговиот гроб на голооточката каменеста почва.
Херојот Панко Брашнаров издивна на студентски раце на Голи Оток
"Светозар Чочоровски, сега починат, ми ја раскажа приказната како Панко Брашнаров на Голи Оток умрел на неговите раце. Сакам да ви го прераскажам неговото кажување, за да биде запишано, да види виделина и за него да чуе јавноста. Тоа е дел од нашата историска меморија", рече Поповски. Тој спомените од раскажувањето на Чочоровски, веднаш откако ги чул, во 1970 година ги запишал во својот дневник и така ги спасил од заборавот. Тој вели дека информацијата за подигнување споменик на Панко Брашнаров го вратила во далечната 1970 година, кога тој случајно се нашол во селото Вевчани, во Здравствениот дом кој го отворил Светозар Чочоровски, откако се вратил од Голи Оток. "Беше ноќ. Мракот го имаше покриено селото Вевчани. Ламбите се гаснеа. Светозар Чочоровски и јас седевме во неговата канцеларија во здравствената станица, која денес е Дом на народно здравје. Тој ми расправаше за првите чекори на здравствената станица. Во еден миг, не знам зошто, туку ми рече: 'А знаеш ли, Панко Брашнаров на Голи Оток умре на моите раце'. Мене љубопитството почна да ме грицка, ме заинтересира и го замолив да ми го раскаже случајот за смртта на Брашнаров", се сеќава новинарот и публицист Поповски. Светозар Чочоровски тогаш му кажал дека како студент на Медицинскиот факултет неправилно бил обвинет, затворен и протеран на Голи Оток. Таму имало и своевидна амбуланта која ја водел некој професор од Медицинскиот факултет во Загреб. Кога професорот разбрал дека Чочоровски е студент на медицина, веднаш го зел во амбулантата да му помага. Тој бил таму кога Брашнаров, заедно со други затвореници, пристигнал на Голи Оток. "Светозар се сети на ноќта кога бродот полн затвореници, меѓу кои и Панко Брашнаров, пристигнал на Голи Оток. Тогаш, како по обичај, нешто што не е познато ниту во логорите ниту во тортурите на полицијата, полицијата им наредила на сите затвореници да излезат од барките , да се постројат во два реда, во два кордона, за да поминат меѓу редовите новите затвореници. Меѓу затворениците имало и полицајци кои внимавале кој ќе вика, кој ќе плука на новите затвореници, кој ќе ги удира. Како што го паметеше Светозар, Панко Брашнаров бил стар човек, белокос, но одел со крената глава. Го плукале, го удирале, му течело крв од лицето, но тој не кренал рака да се избриште ниту од плуканиците ниту од крвта. Со крената глава ги издржал тортурите, стигнал до некоја барака каде што требало да се смести со затворениците и паднал во постела. Тој бил болен човек", рече Поповски, потсетувајќи дека Тито во еден од последните објавени разговори го спомнува Брашнаров и вели: "Ние дозволивме дури и Панко Брашнаров да отиде на Голи Оток и да ги истрпи тамошните тортури". Според раскажувањата на Светозар Чочоровски, на кои се сеќава Поповски, Брашнаров не бил зборлив човек, но се запознал со Чочоровски и овој му кажал дека е студент по медицина. Тогаш Брашнаров му рекол дека одбрал добра професија и му порачал кога ќе го заврши факултетот да не оди на друго место, туку во Македонија каде што народот, како што рекол, има недостиг од медицинска грижа и умира без медицинска помош. Чочоровски успеал да допре до Брашнаров, разговарале, се обиделе да го лекуваат, да му помогнат, но не можело ништо да се стори. Освен тоа, во амбулантата и немало медицински средства, тука била само големата желба да му се помогне. Чочоровски кажал дека Брашнаров не можел да го издржи затворот, не физички, бидејќи можел да издржи многу повеќе. Тој бил стар комунист, дури и не се оженил само за да не ја префрли својата љубов кон жената,туку целосно да ја чува за партијата. Го болела душата и не можел да ја издржи неправдата која му била направена со протерувањето на Голи Оток. "Еден ден Чочоровски седел покрај постелата на Брашнаров. Но не на стол. Такво нешто таму немало, туку седел на камен. Се обидел да разговара со него, но тој речиси и не можел да разговара. Зборувал со тивок, изнемоштен глас, и му рекол на Светозара: 'Никогаш не сум се надевал дека ќе доживееме ваква неправда, дека ќе го доживееме ова матно време во кое тие што дезертирале за време НОВ сега станале големи партијци и за да го оправдаат своето дезертерство од НОВ, сега, овде по логорите и затворите праќаат невини луѓе. Неправедно ги обвинуваат и ги клеветат. Но сето тоа треба да се издржи и македонскиот народ ќе го издржи', му рекол Брашнаров. Во еден миг, како што зборувал Панко, Чочоровски го држел за раце и сакал да го седне во постелата. Но Панко паднал, се свртел на другата страна и умрел", раскажува Поповски. Тогаш дошле двајца затвореници, го ставиле на некое дрвено тезгере и го однеле некаде. Професорот од Загреб и Чочоровски излегле пред амбулантата. Професорот му рекол: "Светозаре, испраќаме еден од првите листови на вашата македонска историја. Умре еден од првите творци на вашата модерна, современа историја, на вашата нова држава". Чочоровски не знаел каде е погребан Брашнаров. На Голи Оток затворениците копале некои дупки, но дали е фрлен во дупка или е фрлен во морето во челустите на ајкулите кои крстосувале тука, Чочоровски не знаел да каже. По некое време Чочоровски излегол од Голи Оток. Го ослободиле, непосредно пред неговото укинување. Се вратил во Македонија, го завршил Факултетот и го послушал советот на Брашнаров - отворил Здравствен дом во родното Вевчани.
sources: anaveno ; Вест
No comments:
Post a Comment