Jun 29, 2010

Проблемите на семејството Кареви со комунистичката власт

Според сведоштвото на Мише Карев, внук на Никола Карев од братот Ѓорги, пред извесно време дадено на нашиот автор Блаже Миневски, проблемите на семејството Кареви со комунистичката власт на Македонија, односно конструкциите на власта против ова патриотско семејство од Крушево, започнале веднаш по ослободувањето, кога без никакви докази, во монтиран судски процес, бил осуден и затворен помалиот брат на Никола - Ѓорѓи Карев. Како што тврди Мише Карев, неговиот татко е ликвидиран во 'Идризово' на само неколку дена пред излегување, односно пред завршување на казната, а гробот не му се знае до ден денес. 
- На неговото судење во 1945 година присуствував и јас како шеснаесетгодишно момче. Седевме во првата клупа, а судија беше некој Калајџиски од Кавадарци. Му се судеше за соработка со бугарскиот окупатор за време на Втората светска војна, а татко ми никогаш не бил во таква служба, ниту пак некој од нас, неговите седум деца, членувавме во некоја од тогашните бугарски квислиншки организации. Се сеќавам на еден детал од судењето што ми остана засекогаш во душата. Како сведок, против татко ми, беше повикан бугарскиот полициски началник Венев, кој за време на окупацијата беше на служба во Крушево. Оние што го монтираа случајот за наводна соработка на татко ми со бугарските окупатори, сметаа дека сведочењето на Венев сосема ќе го закопа. Но, за нивна несреќа, Венев се држеше достоинствено и само рече: 'Немам што да кажам за Ѓорѓи, но ќе кажам за кодошите!' Во тој момент службеникот на ОЗНА, Гога Џаџо, го свлечка на столчето и не му дозволи да ги каже кодошите во Крушево. Набрзо потоа Венев го ликвидираа, за да не ги открие вистинските соработници на Бугарите, од кои некои веќе заземаа важни места во новата власт. Под лажни обвиненија татко ми беше осуден на смрт, но само по седум-осум дена смртната казна му беше заменета со пет години затвор. Пред да излезе од затвор го ликвидираа истите оние што му го монтираа и судскиот процес. Еден затвореник, Албанец, Емин Роши, многу години подоцна ми кажуваше дека татко ми бил погребан набрзина во некакви тајни затворски гробишта, но гробот бил плиток, па му се гледале рацете и нозете над земјата. Некој од надзорниците им наредил на двајца затвореници да му ги искршат рацете и нозете за да пропаднат под земјата, да се покријат. Инаку, татко ми, како шеснаесетгодишно момче учествувал во Илинденското востание во борбата кај месноста 'Слива', а постариот брат на Никола, Петруш, е член на Штабот на крушевските востаници. За Никола Карев знае цела Македонија. Семејството Кареви во борбите за ослободување на Македонија има дадено седум жртви, војводи и обични борци. И покрај тоа, чудната омраза кон Кареви траеше со години, па затоа дури и коските Никола Карев завршија фрлени речиси на буниште, под скалите на споменикот 'Македониум' на Гумења - вели Мише Карев.

ГО БРКАЛЕ ПЕТРУШ ОД БИНАТА 

Кога по војната во Крушево се славело Илинденското востание и Крушевската Република, централната власт, а пред се локалните послушници, речиси редовно се погрижувале семејството Кареви да биде понастрана од прославата, особено од главната бина. 
- Се сеќавам на првата прослава на Илинден по ослободувањето: чичко ми Петруш беше жив и беше во Крушево. Дојдоа некои луѓе и го поканија да отиде на прославата. Го викнаа дури и да се качи на бината. Таму беа сите тогашни врвни раководители. Меѓутоа, кога некој од нив забележал дека на бината е и Петруш, братот на Никола Карев, веднаш наредил да го симнат долу. И го симнаа сред прослава. Кога заврши прославата, повторно преку посредници беше поканет да оди на свечен ручек. Ми кажа дека го канат, а јас му реков да не оди, оти повторно ќе си играат со него, ќе го омаловажуваат и потценуваат. Тој се согласи со мене, но по извесно време повторно дојдоа гласниците, и чичко Петруш мораше да тргне со нив. Само што стигнал, ја кренал чашата за да наздрави, некој од политичарите наредил да го отстранат од масата. Чичко ми си дојде посрамен и со солзи во очите. И никогаш веќе не отиде на прослава на Илинденското востание и Крушевската Република, иако беше единствен жив брат на Никола Карев и единствен преживеан член на Штабот на крушевските востаници - вели Мише Карев, кој, како што стои во неговото полициско досие, уште од 1951 година бил следен од ОЗНА односно УДБА, а подоцна одлежал и 18 месеци затвор за идејата за самостојна и независна Македонија. 
Тој во својата приватна архива долго чувал многу историски документи поврзани со учеството на семејството Кареви во македонските ослободително движње.
- По задушувањето на Илинденското востание, чичко ми Петруш и татко ми Ѓорѓи Карев, извесно време се криеле во околината на Крушево, а чичко ми Никола се засолнал во селото Дивјаци, потоа во Цер и на крајот во Мариово. Во селото Дивјаци имал средба со Даме Груев, за да ги договорат следните активности на македонската револуционерна организација. Три месеци по задушувањето навостанието, Никола Карев, заедно со уште десеттина борци, успеал некако да ја премине турско-српската граница и да стигне во Белград. Веднаш по пристигнувањето испратил писмо до мајка му Марија во Крушево. Во тоа писмо, кое долго го чувавме дома, а потоа негде исчезна, тој пишуваше за престојот во Белград: 'Секој ден доаѓаат новинари, ме прашуваат за нашата борба и се чудат која била таа сила што можела 13 дена да чува Република сред Отоманската империја, во срцето на Балканот'. Во Србија чичко ми Никола останал до фебруари 1904 година. При престојот таму многу му помогнала Социјалистичката партија на Димитрие Туцовиќ. Баба Марија, тие негови писма, но и фотографиите, весниците и други предмети на Никола ги чувала како реликвија, но подоцна Србите, Бугарите и нашата комунистичка власт се ни зедоа - се сеќава Мише Карев. 
Најстариот брат на претседателот на Крушевската Република, Петруш Карев, успеал да ги надживее двајцата свои браќа и покрај сите малтретирања и голготи што ги поминал во животот. Умрел во 1968 година. Според внукот Мише Карев, старецот умрел со голема болка во душата поради недостоинствениот и понижувачки однос на македонската власт кон брат му Никола.

No comments:

Post a Comment