23 март 1881 г.
Македонци,
Нашата мила татковина Македонија некогаш била една од најславните земји. Македонскиот народ, исто така, удирајќи ги првите темели на воената вештина, со своите победнички фаланги и Аристотеловата просвета, го цивилизирал човештвото и Азија. Но, таа некогаш толку славна наша татковина денес е на прагот на својата пропаст поради нашите грешки и заборавање на нашето потекло. Туѓи и сомнителни народи сакаат да ја заземаат нашата земја и да ја уништат нашата народност, која, светејќи со таков сјај, не може и нема никогаш да пропадне. Таа е станата како некоја вдовица; толку грозно ја имаат напуштено нејзините синови. Не го развева повеќе знамето што го носеа во триумф победничките македонски војски. Таа е денес само географски поим. Како да се настојува нејзините победнички белези да бидат покриени со покривот на заборавот. Гробот и го имаат ископано нејзините интриганти кои, крстосувајќи ја нашата земја, и туриле разурнувачки отрови. Овие интриганти се гробари на големата и славна татковина; тоа се, исто така, оние интигранти што бараат да ја раздробат или поскоро да направат во неа да влезат победничките трупи на Австро - Унгарија. Со минувањето од еден јарем во друг, регенерацијата на Македонија нема да стане можна и нашата народност ќе пропадне. Моментот за Македонија е критичен: се работи за нејзиниот живот или смрт.
Вистински Македонци, верни деца на татковината!
Зар ќе трпите нашата мила земја да пропадне? Погледајте ја како е покриена во ропство и со рани што и ги направиле околните народи. Погледајте ја и видете и ги нејзините тешки синџири што и ги произведува султанот. Наоѓајќи се во ваква немоќ и гледајќи ја целата расплакана, нашата мила Македонија, нашата драга татковина Ве вика: вие што сте мои верни деца; вие што по Аристотела и Александра Велики сте мои наследници, вие во чии што жили тече македонска крв, не оставајте ме да умрам, туку помогнете ми. Каква тажна глетка за вас, вистински Македонци, ќе биде ако станете очевидци на погреб. Не, не еве ви ги моите крвави грозни рани, еве ви тешки синџири: скршете ги нив, излекувајте ми ги моите рани; направете се на знамето што ќе го кренам да биде напишано: единствена и обединета Македонија! Штом тоа ќе го сторите храбро истерајте ги од вашата земја овие убијци, кои го држат во своите раце знамето на неслогата и внесуваат отцепувачки страсти, ве делат вас, мои деца, на безброј народности, потоа собирајќи се околу знамето на Македонија, како ваш единствен национален белег, дигнете го високо и подгответе го ова славно знаме за потоа да напишете едногласно:
Да живее македонскиот народ, да живее Македонија!
Постои гласот на нашата татковина, постои слободата, тоа скапо наследство на народите. Да ги прогласите овие зборови, тоа значи да ги повикате благородните срца да побрзаат да дојдат да се бијат за да ви помогнат да ја добиете таа света слобода која од многу векови побегнала од нашата драга татковина.
Македонци, сетете се за нашето потекло и немојте да го откажувате!
Ќустендил. 11/23 март 1881 г., Верно на оригиналот Доспат, 18/30 април 1881 г.
Претседател, Васил Чомо (Симон)
Секретар, Никола Трајков
Проглас: "Македонија на Македонците"
"...Зошто ние Македонците сме ја зафрлиле својата народност, а другите народи ја бараат нашата земја како, своја..."
До македонските народи!
Нашата татковина Македонија некогаш била една од најславните земји. Македонскиот народ ги турил првите темели на воената вештина. Победничките фаланги на Александар Велики ја пренесол Аристотеловата просвета во внатрешноста на Азија и со тоа го цивилизирал човечкиот род. Но таа некогаш толку славна татковина денес е во опасност да биде разделена и да ја снема сосема зашто ние Македонците сме ја зафрлиле својата народност, а другите народи ја бараат нашата земја како своја, бараат да ја потчинат нашата голема народност, која во минатото во својата самостојност толку болскотела.
Вистински Македонци!
Нашата татковина е станата сираче. Нејзиното победничко знаме од кое трепереше целиот свет, денеска веќе не постои како знаме на одделна народност. Денес се пишува во картата името на Македонија како некој спомен. а нејзините победнички гробови лежат во големите гробишта на заборавот, благодарејќи на разорните сплетки на оние што веќе неколку години крстосуваат низ нашата земја, заситувајќи го нашиот народ со раздор и отворени страсти. Овие органи се гробари на некогашната славна Македонија. Тие работат за нејзиното раздробување и со месните расправии готват терен за напливот на туѓа војска во нашата татковина. Настапија критички дни за опстанокот на Македонија. Се решава нејзиниот живот или смрт. Јунаци Македонски! Зар ќе оставите додека сте уште живи да се закопа вашата убава татковина? Погледајте ја разранета од отровните стрели на околните народи што сакаат меѓу себе да ја расчеречат. Во таква очајна положба нашата драга мајка Македонија гледа на нас со очи полни солзи и ни вика:
Ако навистина сте мои деца, ако во вашите жили тече македонска крв, тогаш е подобро да загинете со мене отколку да останете живи сведоци на исчезнувањето на македонската народност. Не верувајте им веќе на интригите на соседните народи коишто работат за мојата пропаст. Вие сте челад од мојата утроба, па макар зборувале турски. грчки, бугарски, српски, погански, влашки и еврејски. Вие сте сите мои родени деца без оглед дали верувате во Мухамед, Мојсеј или Исус. Иако вие ги признавате за старешини едни папата, други шеик исламот, трети егзархот, четврти патријархот, петти рабинот, пак сте вие сите деца од една иста мајка Македонија што плаче ден и ноќ, колнејќи ве да се смирите, да се сложите и да се збратимите. Зар не ќе се срамите ако ве расчеречат и разделат соседите кои зборуваат со односниот јазик, но кои се мои непријатели? Зар вие уште и ќе им помагате за да ме закопат в гроб, а со мене и славното македонско име? Ако тоа го нејќете. ако. напротив, сакате да ги залечете моите рани. а вие како вистински Македонци решете: на знамето што денес го веам да се напише: Македонија на Македонците, па тогаш истерајте ги од својата прадедовска земја сите интриганти што денес меѓу вас разгоруваат расцеп на народоносните страсти што вас, моите деца и еднокрвни браќа, ве кинат на разни туѓи народности. Признавајќи го ова мое знаме како единствено ваше знаме, викнете: Да живее неразделниот македонски народ!
Од протоколот од последниот состанок на централниот силогос "Македонија на Македонците" на кој е решено да се отпечати овој проглас на сите јазици на Македонија.
Во Цариград,
15. 04.1881 година
Централен силогос