Nov 12, 2011
Радован Павловски - Златна маска
Зад чекорот е земјата зад окото е небото
Залудно се лажеме кога мислиме
Дека бараме земја бараме небо – нив ги нема
Во пукнатината на предметите излетал плодот
А ние ја бараме
златната маска во зборовите
Зборовите меѓу себе се кријат
како деца и родители во криенка
Та не може да се дознае
Кога децата биле деца
Родителите - родители
Што народ и што стока се котела
Со каква маска од сонот се буделе
Со каква маска на денот лежат в земја
Зошто златната маска ја заорале в земја
Прв да ја види владетелот на сохранение
Маската без маска е вистинската маска
Меѓу нас живите
На тронот ли била качена маската
На коњ ли јавала
Кој сè се криел зад неа
што ни ковче не останало од моштите
ни струјка воздух во пепелта
Утробата е таа жедна мајка на просторот
во празнината што го чува
своето златно руно
а не лајмата.
Накај Требениште и накај Самуиловите кули
што стрчат во времето
ми се оди
по голтка вода од езерото.
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment