Sep 14, 2011

Димо Хаџи Димов за Македонското Прашање – 1901 г.


... Ослободувањето на Македонија не може да биде друго освен предмет на најгрубо и надмено бесчестие од страна на дипломатскиот свет, зашто тука се истакнуваат најјарко аспирациите и мечтите на големите сили. Односите на последниве кон несреќите на македонскиот роб, какви и да стануваат во текот на времето, не можат да бидат добродетелни и хумани. И нека изјавиме уште отсега дека ако на Македонија и е пишано да се ослободува исклучиво по дипломатски ред, без активното учество на самите Македонци, кое е мошне неверојатно, тогаш овој „Хуман", како што ќе го наречат, акт ќе биде продукт на грубо материјални и спекулативни сообразувања. Впрочем, за ова не треба да зборуваме, зашто одбегнатата рамнотежа помеѓу државите старателки, докажано е, не се нарушува без сериозни бунтови и безредици. Овдека исто така нека изјавиме дека не би постоело никакво источно прашање ако не беше таа фатална тактика на големите држави да прават најчудовишни злосторства за задоволување на својата незаситена дрчност. Одамна ќе изгрееше во Македонија, како и насекаде каде што има потреба, сонцето на слободата, ако само човекољубивост ја движеше дипломатијата! Бидејќи одамна и мошне одамна постојат условите и потребните мотиви за една таква патриотска постапка од страна на силите. Зарем не гледаат тие дека од векови се измачува безбожно еден кроток народ, осквернувајќи му ги светите чувства, мисли и желби? Тие го гледаат, но за несреќа пасивно ропско негодување не е доволно да ја предизвика нивната благородна интервенција: тие само го унесреќуваат уште повеќе и без тоа злосреќниот народ, како во непомирливата омраза и нетрпеливост, што ги чувствуваат меѓу себе, се забораваат и се подбиваат со патилата на оние што во еден миг, без капка крв би можеле да се престорат во слободни граѓани. Да! Се подбиваат, зашто наместо да издигнат еден измачен народ на нозе, за да почне да задише слободно, кое можат да го сторат само со еден збор: „да биде слободен" - тие го оставаат на дивиот човечки произвол олицетворен во една грозна и убиствена тиранија, каква што е турската... А зошто сето ова е така, рековме веќе. Робот се валка во калта на моралните и физички страдања, во калта, во ужасната кал на теророт, неморалот и насилствата, само за тоа зашто царува меѓусебна недоверба меѓу големите сили, отпечатени врз нивните противречни претензии на Исток.
Таква е положбата. Злосторничкиот турски режим е неподнослив за македонското население и антагонизмот меѓу последното и владејачкото племе ќе се заврши со револуција. Револуцијата се јавува како логичка последица од одот на работите во Турција. Спор може да станува само за времето кога ќе се почне. Ги следи ли официјалниот европски свет овие настани од внатрешноста на турската империја? - Со најнапрегнато внимание. Ние со два збора ќе го карактеризираме тоа внимание. Ние видовме дека политичката смрт на турската империја е веќе потпишана од европската дипломатија. Последната не направила до сега ниту еден обид за општо свестување на таа земја, зашто по актот за смртта тој е ненужен; поради истите сообразувања нема да направи обид и по делумното македонско прашање пред да пристапи кон конечното расчистување на сметките со „болниот" човек. Зошто? Затоа за да се наложи во Македонија со сите гаранции еден културен поредок, ќе рече да се признае виталноста на турското племе, а тоа е ветено на заграбување. А дали е можно воведувањето на реформи во Македонија? Се разбира, ние не ги очекуваме тие реформи од добрата волја на Султанот, но дека Европа е во состојба да ги наложи и осигури, во тоа ни најмалку не се сомневаме. Значи, смирувањето на Македонија пред умртвувањето на „болникот" не е во интерес на европската дипломатија. Таа нема желба за предвремени реформи во Македонија, ами тоа се диктира од нејзините крајни цели. И ние гледаме како се врши покровителство над еден ужасен режим во Турција, како се насрчуваат сите за душата потресни правци на тој режим. Зошто сето ова? За да зрее и се поддржува принципот дека Турција е неспособна да живее... Вистинските намери на европските политички сојузи изискуваат режимот во Турција да држи дел од народот во размирна состојба. Одвај ли има потреба да кажуваме дека ако волкот беше еден или глутницата една, ќе се свршеше работата без такви додевни формалнрсти. Но во случајов тие се многу и противни еден на друг, та сакале-нејќеле се помируваат со тие формалности. Меѓутоа, умната европска дипломатија не дозволува крајности на тој правец. Таа со отворени очи следи да не ги прескокне нејзиниот сакан режим границите на можноста, за да не се распали некаков револуционерен орган во сред угнетуваниот народен слој. Тоа би било пожелно ако спорот за грабежот некако е разрешен, но пред тоа е бесмислено, грозно... И така, денешната положба во Македонија е пожелуваната од сите фази на идниот нивни
завојувачки процес. Реформи не сакаат да наложат претходно, но и не го оставаат турскиот режим да си го доврши делото докрај, пред да си ги завршат и тие сметките докрај. Не лутете му се, впрочем само на Султанот...
До тука, македонското прашање, колку и да е тажна неговата положба, сепак не е толку сложено. Меѓутоа, тоа е само негова прва половина. Понатаму ние ќе се судираме со цел ред други факти, кои уште повеќе го заплетуваат ова прашање, правејќи му ја состојбата двојно пожална. Тие фактори се балканските државички. Тие сите учествуваат во македонското прашање. Замешувањето нивно почнува од самото зародување на ова прашање и ќе продолжува до крајот. Зошто? Зашто и тие го носат печатот на буржоаското господство, зашто и нивните влади како израз на тоа господство имаат желба за заграбување, за раширување на своите предели, за зголемување на сферата на економскиот гнет.
... За нас е повеќе од јасно, дека бугарските влади секогаш правеле сметка за Македонија иако таа сметка тие ја криеле од широката маса со библиската реченица: „добри пријателски врски со владејачкиот дворец", тогаш тоа го правеле од нужност, така како што од нужност европската дипломатија се грижеше „за запазувањето на тишината на Исток". Така што бугарската буржоазија преку своите влади не можеше да мисли и чувствува поинаку освен како што бараат нејзините интереси. А нејзините интереси бараат присоединување на Македонија кон Бугарија. И тоа е мошне природно. Ако до сега таа не го направила тоа, се должи не на тоа што се покајала и се откажала од таква нечесна зделка, туку затоа што нема доволно сила за да ја оствари таа зделка. Меѓутоа, таа не го напуштила и никогаш нема да го напушти својот идеал, а бидејќи самата не е во состојба да го заврши „историското" дело, прибегнува до тајни комбинации со европската дипломатија. Вака стои прашањето со официјална Бугарија. Никогаш не треба да заборавиме дека таа Бугарија нема да го задоволи својот апетит со автономијата на Македонија, макар што и таа ќе биде од не мала полза за неа. Нејзиното молчење по ова прашање се наметнува од посебни причини, кои не ги затскриваат ни најмалку нејзините вистински намери.“
(преземено - Документи за борбата на македонскиот народ за самостојности за национална држава, том први, 1981 г. Редакција: Гане Тодоровски). Скопје, 1974, стр. 58 - 61, 64 -65

No comments:

Post a Comment