Петте струмички студенти се убиени на 13 август 1951 год. Убиени се блиску селото Орманли на планината Беласица. Блиску до границата кон Грција.
Тогаш се убиени, Мирко Пецев, Ѓорги Јармов, Ѓорги Костуранов, Борис Белев и Стево Топчев. Млади луѓе, од 20 до 23 год. старост. Студенти на Универзитетот во Загреб. Требало да станат правници, лекари, економисти... Интелектуална елита на градот према тогашната владеачка гарнитура која од планините и нивите дошла директно на власт...
Нивната идеја била слободна, независна Македонија. Идеја која не и се допаѓала на тогашната власт. Власт која го слушала Белград, која немала ништо патриотско во себе.
Убиени се со по два куршума. еден во градите, еден во челото.
Вечерта, тие се собрани од игранка во Градскиот парк, однесени се на Беласица, и - егзекутирани.
Инаку, на еден начин, и тие се жртва на шпиони. Биле кодошени во тогашните служби од некои сега веќе неколкумина (некои се починати) видни граѓани, отприлика нивни врсници, соученици, кои беа познати личности во струмичкиот општествен живот пред дваесетина години.
Донесени се со камион во мугрите во градот, нивните мртви тела се покриени со шаторски крила во камионот пред Општинското собрание, од каде во присуство на нивните семејства се закопани надвор од гробиштата (сега веќе тоа место е во состав на градските гробишта), сите освен Борис Белев се заедно, а тој е закопан во Протестантските гробишта (пак во ист манир - надвор)
И по смртта се народни непријатели.
Сите потекнувале од угледни градски семејства. Семејствата веднаш по настанот им изградиле споменик од бел мермер во вид на отворена книга на кој пишувало дека се УБИЕНИ. Набрзо, споменикот е демолиран, искршен на парчиња, вандализиран... (немам соодветен израз за нечовечноста), и се подигнува нов, бетонски... За на властодршците да не им боде очите и пак да го урнат. Денес, околу гробот стојат неколку парчиња од првобитниот споменик.
Тој настан беше табу тема се до 1991 кога прв пат се одржа парастос за покој на нивните души.
Во 2001 во малиот парк карши Собранието на општина Струмица беше подигнат и споменик кој во својот долен дел е отворена книга од бел мермер на која се запишани нивните имиња. Таму е поставен со одредена симболика. Оттаму почнува улицата на која сите тие живееле, од која за последен пат излегле заедно.
No comments:
Post a Comment