Jun 26, 2010

Христо Узунов




Христо Узунов е роден на 22 февруари 1878 година во Охрид. Татко му бил учител и активно вклучен во револуционерното движење. Неговата мајка била по потекло од Струга од семејството на преродбенскиот деец Ѓорѓи Чакалов од Струга. Христо Узунов своето образование го започнал во родниот град, Охрид. Потоа, уште како ученик на Солунската гимназија пристапил во ВМРО и таму раководел со револуционерен кружок. По завршувањето на гимназијата, неколку години учителствувал во Охрид.


Според некои документации, се смета дека Христо Узунов во револуционерната организација се вклучува во 1896 година заедно со Методиј Патче. Така, Христо Узунов бил и раководител односно организатор на ТМОРО во Охридско и Струшко. Прогонуван од турската власт, на двапати бил затворен во Битола. На познатиот Солунски конгрес на Организациjата во 1903 година била донесена одлука да се крене востание. Конгресот на округот пак, бил закажан во селото Смилево, на 1 маj 1903 година. На него охридскиот воjвода Христо Узунов, коj jа предводел делегациjата на Охридската револуционерна околиjа, предложил, поради недоволната организираност и слабата вооруженост да не се крева востание, во кое не успеал. По задушувањето на востанието, во охридскиот краj останал воjводата Христо Узунов, коj по одредено поминато време на Смилевската планина, во декември 1903 година се вратил во своjата околиjа за да ги обнови растурените комитети на Организациjата. Во текот на 1904-1905 година Узунов главно се свртел кон организирање борба против присутните пропаганди, како и со разрешување на идеолошко-теоретските проблеми со кои се соочувала Организациjата.

Благодарејќи токму на него, за илинденското востание се знае многу повеќе отколку за другите востанички реони. Тој регистрирал сѐ, го бележел името на секој загинат востаник, на секој убиен селанец, на секој предавник кого организацијата го осудувала на смрт. Денес се познати имињата на сите 478 лица од охридско-струшки крај кои загинале во востанието. За големата посветеност на македонското дело на Христо Узунов зборува и неговата средба со селаните од село Куратица, веднаш по трагичниот крај на востанието:

Браќа, сонце сакавме, а ни искра не добивме. Нашата земја се натопи со пепел и крв, и за сѐ знаете, јас сум виновен. Еве ви се предавам, убијте ме, предајте ме, што сакате правете со мене.”


А потоа востаниците ќе му одговорат:

Не, ти не си виновен. Ако раководството даде решение ние повторно ќе се кренеме.


Христо Узунов за неуспехот на востанието чувствува голема грижа на совеста. Неговиот сограѓанин Огненов во едно писмо ќе му напише:

Брату Арсение(надимак на Христо), тие за тебе имаат повеќе од добро мислење (се смета за сограѓаните), те сметаат за идеален, особено по заминувањето на твоите другари за Бугарија. Сите со гордост го споменуваат твоето име и се чувствуваат особено привилегирани ако некој од нив зборувал со тебе...


Христо Узунов бил многу револтиран од заминувањето на другите членови во Бугарија, иако тој никогаш не престојувал во Софија, туку останал во татковината каде настојувал борбите да продолжат.


На 24 април 1905 година, од Крушево заминал за Кичевско, придружуван од страна на 14 соработници и револуционери, добро вооружени четници и двајца војводи, Ванчо Србакоски и Пецето сѐ со цел да го исполнат решението за егзекуција на петнаесетмината ренегати во една ноќ. Но во кичевското село Цер биле опколени од многуброен турски аскер со артилерија. Тие не примиле никаква помош па биле принудени или да се предадат или да се самоубијат. Војводата Ванчо Србакоски решил на свој ризик, со фрлање на бомби да се обиде да се пробие низ огнот, во кој сепак не успеал. За да не им паднат на Турците живи во раце, тој и неговите 13 соборци извршиле саможртва.


Во последната битка, опкружен од сите страни со непријателскиот оган, меѓу другото, кај Узунов се јавил сомнежот дека се предадени, па затоа во своето претсмртно писмо наведува: "Допуштам да сме предадени, но верувам дека е случајно". Сепак, кога детално ќе се реконструираат последните денови на движењето на Узунов, станува јасно дека неговата смрт е дело на предавство. Сето се случувало во периодот од 4 април до 11 април 1905 година и било поврзано со Иван Алабак од Велешко кој дошол од Бугарија со 18 души чета, но како сарафист никаде не му давале реон. Во истиот период во Крушевско се наоѓал османскиот жандармериски полк со заменикот командант, поручникот Изрет. Самиот Изрет известува дека од османскиот информатор добил податоци за четата "која се појавила во селата Журче и Белино и се префрлила во Годивје, а оттаму заминала за Селце. Макар и да имав намера од почетокот, известува Изрет, да заминал лично за Селце и да се информирам на самото место, нашиот посматрач ме разубеди во тоа, кога ми рече дека, востаниците демнат и дека нивното уништување е тешка работа... Во недела утрина, рано, посматрачот пак дојде кај мене и ми соопшти со најголема сигурност дека истата чета минала низ Арилово, а приквечер оттаму за Цер..."355

Османскиот доушник, чие име не е познато, до крај успешно ја извршил својата задача. Следејќи ја четата на Узунов, тој го известил Изрета за нејзиниот број и местото каде се наоѓа. Затоа Изрет можел да се подготви за нејзино обиколување и уништување. Така, Изрет тргнал "на чело со еден одред од редовна војска и жандармерија од 47 души" за Цер. Истовремено, друг одред тргнал од Прибилци за Цер. Акцијата била така организрана, што било "неопходно и едниот и другиот одред да се приближат едновремено (во еден ист час) до селото" и до 10 часот да го блокираат.

Движењето на османските сили кон Цер, според сеќавањата на војводата Ташко Арсов, го здогледал и Иван Алабакот заседнат во с. Зашле. Тој веднаш со четата се сокрил нагоре во шумата, наместо "да прати абер ваму-таму да се собере милиција и да удри на аскерот одозгора уште кај ручек сигурно ќе беа спасени сите што беа во Цер...Но пусто партизанство, омраза"356.

Војводата Ташко Арсов смета дека предавството на Узуновата чета го направил Иван Алабакот, за разлика од Анастас Митрев кој за предавник го посочува Лигушев. Меѓутоа и Алабак и Лигушев можат да се подведат под еден заеднички именител - врховизмот изразен низ сарафистите во Битолскиот револуционерен округ. За Алабакот немало место во револуционерниот реон каде дејствувал Христо Узунов. Од друга страна, пак постоела изразена нетрпеливост помеѓу Иван Алабак и Пецо Грнчаров“357 кој му се придружил на Узунов и кој со него нашол заедничка смрт во Цер. Сакањето на Алабакот да најде слободен реон за себе и омразата кон Грнчаров биле меѓу одлучувачките фактори за судбината на четата во с. Цер.

Алабакот го видел аскерот кога одел кон Цер. Само малку подоцна спокојно во шумата ги слушал грмежите на оружјето. А според законите и традицијата на Организацијата, штом една чета се наоѓала во опасност, друга чета и се јавувала на помош, сама или со милиција, според околностите. Неисполнувањето на тие закони повлекувало строга казна. Сепак, Алабакот не бил казнет единствено затоа што на чело на Окружниот комитет во Битола

стоел, како наведува А. Митрев "оформениот и докажан предавник и шпион Петар Лигушев. По наша увереност, вели Митрев, ако тој шпион и предавник немал никакви врски со Алабакот, последниот не би смеел да гледа сеир кога аскерот одел во Цер, и кога ја опкружуваше четата на Узунов, зашто како стар војвода, тој знаеше што го очекува за таков сеирџилук"358. Бидејќи Алабакот не претрпел никаква казна за кршењето на еден од основните принципи во организациониот живот, тоа може да значи дека стореното или било наредено од Лигушев или одобрено од него. Истиот за жал ќе биде предавникот и на Узуновиот другар - Ѓорѓи Сугарев. Кон ова би го кажале и додатниот аргумент, дека, Лигушев во својство на претседател на Окружниот комитет имал можност да го определува движењето и маршрутите на четите, така што можеби тој (или преку свој човек, османски шпион) можел точно да го предаде движењето на четата на Узунов за таа да биде сосема уништена.

Борбата во село Цер меѓу Узуновата чета и одредите од Крушево и Прибилци започнала утрината на 11/24 април. Четата направила обид да го пробие обрачот, но откако во битката загинале Ванчо Србакот и Узуновиот четник - Наумче, четата се вратила во куќата на Костадиница Стојанова Паунова, која куќа била солидна и погодна за престојната борба. Борејќи се до претпоследниот куршум, Христо Узунов со своите другари последните куршуми ги истрелале во себе си, несакајќи живи да се предадат на османски власти. Сведок на сликата на простреланите четници бил Италијанецот Еторе Лодди кој запишал: "На другиот ден после бојот ја видов во Цер страшната слика што никогаш нема да ја заборавам. - Труповите на единаесет млади јунаци сите со отворени рани по градите и по челото. Се самоубија, за да не паднат живи во рацете на непријателот. Ми го покажаа војводата. Узунов лежеше прострен на подот со раширени раце, а погледот на неговите мртви и отворени очи гледаше горе, во бескрајот. Од челото уште течеше крв... Ја видов Македонија во тој момент - маченица, велика, непобедива! "359

Уште тогаш, оваа јуначка смрт, во свеста на народот израснала како редок саможртвен подвиг.

_______________________

55-Дознание до жандармерискиот полк во Битола испратено на 12 април 1905 година, од заменикот командир Изрет, "Револуционерен лист", бр. 99,1929.

356-Војводата Ташко Арсов, кој при настанот во Цер бил секретар на Алексо Стефанов, војвода во Демир-Хисарско го проучил настанот во Цер и го внесол во своите "Записки" (стр. 86-87)

357-Уште на 9 април Христо Узунов добил писмо од војводата Пецо Грнчаров, кој пристигнал во Крушевско од Бугарија со 10 четници - за крушевскиот револуционерен реон. На 10 април вечерта Узунов се сретнал со Грнчаров во село Горно Дивјаци. Тој бил придружен од неговиот четник Наум Влашето од Охрид и од крушевскиот околиски војвода Ванчо М. Србакот од село Вранештица, Кичевско. Од село Горно Дивјаци, тројцата заедно со сета чета на Грнчаров - на број 13 души, заминале во ноќта за село Цер. (А. Митрев, исто, 248)

358-А. Митрев, исто, 250.

359-"Револуционерен лист", год. V, бр. 85.


гробот на Христо Узунов и неговите соборци во с. Цер - Kичевско

_________________________________________________________________________________



Давајќи и го писмото на Спировица (која при земањето бил ранета) и подвикнал:
“Последен пат збогум сестро, кажи им на другарите дека славно ќе умрам, смртта е последна кога нема слобода. Нека бидат уверени дека делото ќе победи. Македонија ќе роди нови борци, ние ќе живееме во спомените ваши. Кажете им дека сме предадени.”






_

Во рамки на одбележувањето на 106 години од Илинденската епопеја во спомен-куќата на Христо Узунов, синоќа беше откриена вредна реликвија од охридскиот војвода. Се работи за дел од брадата на Узунов која Василка Крлеска Чавкоска, ја отсекла пред чинот на погребување на војводата кој си го одзеде животот по нерамноправната борба со турскиот аксер во кичевското село Цер во 1905 година, заедно со блиските соработници и уште деветмина комити.



Вредната реликвија на вработените во охридскиот Завод и музеј им ја предал потомок на семејството на Анастасија Узунова од Струга на 24 април - денот на херојскиот чин на Христо Узунов.

Со тоа се оствари аманетот на Ангеле Узунов брат на Христо ,желба која по сплет околности не била реализирана во 1965 година, истакна на промоцијата на вредната реликвија, историчарот Никола Целакоски – советник кустос во охридскиот Завод и Музеј. Тој посочи дека на пликот потпишан од Ангеле Узунов е запишано: Делови од брадата на Христо Узунов земени после неговото убиство во Цер и донесени на мајка ми од учителката Фанче Филева од Охрид.


извор за настанот

__________________________________________________________________



Песна за Христо Узунов


И таму е мојта родина,
далеку Македонија,
јас сакам таму да загинам,
а ти ме забрави за век.

И таму е мојта мајка,
и таму има божи свет,
јас сакам таму да загинам,
ти ме заборави за век.

Не плачи мила моја мајко,
не рони солзи крвави,
ако Христо Узунов падна,
на врагот жив се не даде.

Сестрите нема да ми играт,
над мојот гроб осамотен,
и мајка нема да ми идат,
да лее солзи за мене.

Не жали мила моја родино,
и сите ми другари мој,
ако Христо Узунов падна,
на врагот жив не се даде.










2 comments:

  1. Anonymous1/5/22 13:52

    Sakam DA ZAM SE Deka ot koj e perdaden hirsto uzunov

    ReplyDelete
  2. Anonymous1/5/22 13:54

    zato go uvinate ivan naumov alabakot za predavstvo na vojvoda hristo uzunov

    ReplyDelete